Thursday, February 5, 2009

Што се тоа информации од јавен карактер?

ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

СЕ ЗА ДАВАЊЕ А НЕ ЗА ЧУВАЊЕ
Веќе цели две години во примена е Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кое право е загарантирано и со Уставот на РМ-чл.16 ст.3 ...„а со кој се гарантира слободниот пристап кон информациите,како слободата на примање информации,така и пренесувањето на информации“
Со донесувањето на овој Закон, секое физичко и правно лице има законско право да побара, но и да добие, информации од јавен карактер. Во спротивно,доколку не ја добиете бараната информација можете да изјавите жалба до Комисијата надлежна за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, со седиште во Скопје.
Со овој Закон се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информациите, кои пак имаат обврска на сите поднесени Барања да одговорат благовремено.
За да го остварите Вашето законско право и да дојдете до информација од јавен карактер, најнапред треба да знаете што е „Информација од јавен карактер“.
Информација од јавен карактер е секоја информација во било која форма, а да е создадена и со неа да располага имателот на информацијата, согласно неговите надлежности.
Од друга страна пак, „имателите на информации“-претставуваат органи на државната власт, и други установи и инстисуции утврдени со Закон, органите на општините, на градот Скопје, и на Општините на градот Скопје, јавни установи и служби, јавни претпријатија, прани и физички лица што вршат јавни овластувања и дејности од јавен интерес.
Согласно споменатиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, секој имател на информација има обврска да изготвува листа на информации со кои располага и истите да ги објави на начин достапен на јавноста-преку интернет, на огласна табла или на друг начи.
За да дојдете до информации од јавен карактер најнапред треба да поднесете Барање до имателот на информацијата, усно, писмено или во електронски запис. Барањето треба јасно да содржи определени елементи како што се: опис на информацијата што се бара, формата во која се бара информацијата, начинот на доставувањето на информацијата, како иподатоци од подносителот на Барањето како би можело да се одговори. И на крајот од Ваша страна немате обврска да ја наведете и образложите причината зошто ја барата наведената информација.
Вашето Барање понатаму се регистрира кај „имателот на информацијата“, а доколку истото е некомплетно, можете да побарате помош од службеното лице определено за посредување. Ваквото службено лице е должно да Ви каже дека располага со бараната информација, но доколку не располага тогаш треба да ве упати барањето да го доставите таму каде што се наоѓа бараната информација.
Имателот на информацијата е должен да одговори на секое Барање во рок од 30 или 40 дена за посложени информации со поука за правото на жалба.
Доколку имателот на информација не Ви одговори целосно на Барањето или не Ви даде образложени причини за одбивањето, имате право на жалба до Комисијата определена за тоа.
Сепак, определен пристап до определени информации ,се заштитени со закон и претставуваат исклучок од слободниот пристап на возможната достапност на конкретна информација во зависност од видот на бараната информација.
Така,исклучок од слободниот пристап до определената информација имаат : информациите кои врз основа на закон претставуваат класифицирани информации со соодветен степен на тајност,личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци.,оние информации кои би значеле повреда на доверливоста на даночната постапка,информации стекнати или составени во истрага,кривична или прекршочна постапка за спроведување на управна или граѓанска постапка,а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката,информација што се однесува на комерцијални или др.економски интереси,вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика а чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата; информации чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината; информации за заштита на животната средина која не е достапна до јавноста заради заштита на здравјето на луѓето и животната средина ,заради заштита на правата од индустриска или интелектуална сопственост( патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот и сл).
На крајот и да се напомене дека сепак во одредени ситуации и достапноста до одреден вид исклучителни информации,кои не се окарактеризирани како информации од јавен карактер, е достапна доколку се процени дека интересот од таквата информација е многу поголем од штетната последица која би настанала со нејзиното давање.

No comments:

 

BLOK © 2008.