Thursday, February 5, 2009

Кога режисерот прави текст

ЦРНА СЕ ЧУМА ЗАДАДЕ
ИЛИ
КОГА РЕЖИСЕРОТ ПРАВИ ТЕКСТ
 Е тогаш станува писател или драматург со писанието што го составил. А хартијата трпи се, исто како и сцената. Што ли уште ќе испрочитаме и ќе се изнагледаме?! Последен таков обид на сцената на БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР имаше Љубиша Ѓеоргиевски со неговиот текст “ДАЛАЈ МАМА“, во режија на Дејан Пројковски, “УСРЕЌУВАЈЌИ“ ја оваа сцена  со таа претстава. А режисерот е тој што го одбита текстот и одлучува како ќе го претстави на сцената. Во сегашнава констелација на изведувани драмски текстови од домашни автори, колку се тие ретки, очигледно е дека тие не им се доволно привлечни или добри на оваа актуелна режисерска гарнитура, за да ги постават на сцените на домашните театри. И што тогаш? Или самите да го напишат текстот како Љубиша Ѓеоргиевски, за кој други ќе се грабаат да го изведат, или пак ако се неуки за тоа, тогаш ќе бираат од она што останало и им се допаднало. Од тоа можат и да измиксираат коктел со што ќе не изненадат и збрлават. Ако има уште нешто досега невидено и нечуено?! А тука се крие стапицата, во изборот и заблудата на вкусот на оној што одлучува. Во конкретниов случај, режисерот Владимир Милчин се одлучи за “ЦРНА СЕ ЧУМА ЗАДАДЕ“, користејки избор од поезија и проза од проверени и номинирани автори, Михаил Ренџов Џон Вилсон, А.С. Пушкин, Георг Бихнер, Даниел Дефо, Антонен Арто, Македонски народни песни за чумата, традиционалната виенска песна “О, кутриот Августин“, со музичка подлога на Марјан Неќак како автор на музиката. Колку многу е инспиративен животот, не помалку од него е и смртта, што е докажана вистина од сето досегашно уметничко творештво. А чумата за смртта е како лидерот на партијата. И една таква театарска “ЦРНА СЕ ЧУМА ЗАДАДЕ“ премиерно стигна на 14.11.2008 година на НАРОДНИОТ ТЕАТАР во Битола. После оваа скоро дведецениска транзициска чума, а од неодамна и со рецесиска криза, театарската “ЦРНА СЕ ЧУМА ЗАДАДЕ“, останува да не просветли со темните проблесоци на нијансите кои замаглено или јасно ќе ги осознаваме како пораки, што ќе ни претскажат што може уште да не снајде?! А од црното има поцрно и најцрно. За распознавање во тие можности, со оваа претстава имаме уште едно согледување на црнилата од животот, поточно на заканите што не следат. Останува времето да го посочи замаецот што ќе го остави зад себе оваа поставка со овие текстови. Комплименти за изборот на пробраните текстови. А животот и уметноста се преплетуваат и во ова наше транзициско време, кога и културните работници се спонзорирани и тезгарат по разноразни фондации, што е само уште еден нивни актуелен допринос кон сеопштата глобализација и на ова поле. Како и чумата што не одбира народи и граници како глобална, пандемична појава. Со музиката на Марјан Неќак, флуидно протекувајќи низ претставата, полесно се проголтуваа кнедлите што ни остануваа запрени во грлото од виденијата што не обземаа. Суптилно одбраните акорди ја обликуваа перфидноста  и суровоста што бликаше од сцените кои наликуваа на ожнеани полиња од жетварот на смртта. Неодминливо виновен за ваквата “ЦРНА СЕ ЧУМА ЗАДАДЕ“ е секако режисерскиот пристап на Владимир Милчин. А тој е современ и трендовски, со избалансиран професионален сензибилитет од почеток го крај, концептуално следејќи ја нишката на дејствието, како свое видување во просторот и времето. Сепак ако ја згуснеше и скратеше претставата, ќе делуваше уште поинтензивно и поконцизно. Но и вака имаше што да се види. Претстава со елементи од перформанс, музика и пеење од оперета, дефиле од маски и костуми, се заедно измесено, загорчено, исчадено и спаковано како “ЧУМА“, која се задава и доаѓа да не престраши дебнејќи не како плен. Во севкупниот амбиент хармонично вклопени актерите играа , пееја и глумеа. Обемната актерска екипа извонредно успешно и професионално ни пренесе уште едно драмско послание на штиците што значат живот но и смрт во овој случај. Ова е уште една претстава со која БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР ќе може да смета за престојните престижни театарски фестивали како адут за излез од локалните рамки. Освен ако и таму  не се испречи пак некое нивно бившо чедо, како селектор или член од жирито, кој ќе им ја заклуче вратата пред нос, како некои доскорешни бивши директори или култирни бирократи читај моќници, а всушност партиски реваншисти.
После премиерата на претставата имаше коктел, на кој се обидов да поразговарам со дел од присутните за нивните лични впечатоци, но тие повеќе сакаа да ја џвакаат храната отколку да зборуваат. Некои искрано ми признаа дека ќе ја напуштеа претставата да не бевме како публика сместени на сцената заедно со актерите. Ги спречила очигледноста на вниманието што ќе го привлечат при излегувањето, како и незгодното крцкање на штиците под нив. Како да се толкува ова? Можеби како слабост дека не сакаа да ја делат сцената со црната чума што се зададе токму пред нив? А стравот и храброста одат рака под рака, само кој ќе надвладее. Затоа препорачано повелете соочете се!!!
                                                                                                            Љупчо Велјанов

No comments:

 

BLOK © 2008.