Thursday, February 5, 2009

Че Гевара, Манаки и младите бунтовници

Че Гевара, Манаки и младите бунтовници
Годинава нашиот добро познат фестивал започна малку поинаку. Навидум се беше во ред, ја видовме истата слика на отворањето како што ја паметиме со години. Се вееја знамињата, тука беше црвениот тепих, на него се разбира убаво облечените дами и господа, вратоврските и високите потпетици, и блесок од еден куп фотоапарати. И една мала група млади луѓе на кои изгледа сето тоа не им се допаѓаше баш многу.Собрани покрај истиот тој црвен тепих, тие имаа да кажат нешто во врска со новитетите во организацијата на фестивалот. Паролите беа разновидни, но сите со иста мисла: Крадци на фестивали, Манаки во Конопиште, Си го заборавивте споменикот, и така натаму во тој стил. А верните посетители на проекциите во Центарот за култура можеа да прочитаат и флаерчиња со интересен текст во стилот Струшки вечери на поезијата во Делчево, Макфест во Гевгелија, Манаки во Скопје. Наградно прашање: што не е во ред со овој текст?
Ако почнеме да зборуваме за изместените вредности и за вистинските вредности ќе ни треба многу повеќе простор од оваа страница, затоа ќе мора да скратиме и да се задржиме на делче од тоа.
Можеби малиот протест делуваше идеалистички, некои можеби би рекле и “Шо се знаесват децава?”
Некои сметаат дека е доволно да закачиш на џемперот беџ со Че Гевара и автоматски се трансформираш во револуционер. Некој верува во то некој не. Некој можеби ќе дојде на протест само за да се бунтува, онака, за нешто, некој сака да се искаже, да се промовира, некој верува дека со тоа може нешто да се смени а некој не, ама сигурно сите беа погодени од истото: ни го украдоа Манаки!
Се вели дека не знаеш што имаш додека не го изгубиш. Па не е точно дека не знаевме ама изгледа требаше да се случи вакво нешто за да се свестиме и да си го браниме нашето.
Актот на “Скопјани” не се оправдува во никој случај ама и заспаност не е за пофалба. Зошто мора да се стигне до тој степен за луѓето да се свестат или пак единствено за што се грижат е некој да не им го земе она нивното, само оти е нивно. Затоа што, да бидеме реални, колку навистина се посетени филмските проекции на нашиот интернационален фестивал на кинематографијата?. Се знае, ќе се дотераме за да не видат на отворањето и потоа салата е празна. Демек, филмофилите во филмскиот град. И тоа е жалното. Што си ги земаме работите здраво за готово. Што треба некој да те шлакни за да те разбуди.
Како и да е, полошо од заспаноста е ако никој не се разбуди, па така една сончева сабота на 4 октомври младите бунтовници се упатија кон Скопје, па во друштво на полицијата и не толку бројни медиуми се наредија пред влезот на АРМ и ги извадија транспарентите.
Она што се намераваше се направи, прашање е дали е доволно и дали ќе си речиме “Е па ОК, бев на протест, викав УУУУУ едно пола сат, толку од мене, доста е.” Друго прашање е дали ќе има резултати и дали некој ќе не слуша. Можеби да, можеби не. Ама факт е дека никогаш ништо не е за џабе. На секоја акција има реакција. Зависи од интензитетот на првата колку силна ќе биде втората. Само битно е кога ќе се почне со акцијата, и зошто оставаме да ни го загрози некој нашето па после да се бориме да го задржиме, а пред тоа не сме го вреднувале доволно или едноставно не сме се замарале да го вреднуваме колку што треба и да му обрниме внимание какво што заслужува.
ТРОМБЕВА ХРИСТИНА

No comments:

 

BLOK © 2008.