Tuesday, January 19, 2010

Лево контра Лево

Гледајќи на телевизија пред извесно време една млада активистка за човекови права образложувајќи кој е најдискриминиран во државата, односно која категорија на граѓани одма сватив шо ќе биди темата на мојата следна колумна. Според дотичната Плавуша инаку претставена како искусна активистка од уште поискусната новинарка, најдискриминирана група на граѓани во Македонија биле ЕлЏиБи популацијата !?! односно лезбејките, геј и бисексуалците ... тропна пред цела јавност и никому ништо. Понатаму констатира дека освен неколку про-левичарски групи како нивниот Плоштад слобода кој се прослави со протестот против изградбата на храм на плоштадот во Скопје, оксиморонската Ленка, анархичните Слободен индекс и пар други биле за респект ( а демек ние останатите шо лупаме по 10 – тина год.сме статисти ) и види чудо ! требало да ги поддржи власта и останатите државни институции кои младите левичари бездушно и со сите сили ги рушат. Искрено и малку наивно се надевав на реакција по повод небулозите изречени кој шо засегат не мал опсег на граѓани како ние активистите за човекови права а посебно сите дискриминирани категории во која спаѓаме сите Ние шо неможиме да си ги оствариме своите основни права на нормален живот. Категорија на граѓани која по моја слободна проценка опфаќа не помалку од две третини од целото население.
Покрај евидентната метастазирачка невработеност, официјално од 32 % која не прави европски лидер и масата од народ шо работи ама не заработува и не добива плата по неколку месеци кои немаат пари за основните потреби, како леб и млеко за своите деца, живеат без огрев за затоплување а немал број чмаат во темница !?! (само во мојот влез 2 семејства) ко небаре сме мрачниот 19 век ... Понатаму од многуте дискриминирани категории и групи на население од различни профили мора да ги споменам Ромите како најобесправена група со еден куп проблеми и никакви услови за нормален живот. Хендикепираните и лицата со посебни потреби за кои речиси и да непостојат средства и можности да опстанат без помош од своите најблиски ... Здрав и нормален чоек, активист за човекови права а воедно претставен ко лидер на својата генерација да изјави дека најдискриминирани од сите дискриминирани во Македонија биле педерите и лезбејките е појќе од дегутантно и говори за трулежот и пред се декаденцијата во кој длабоко заглибила нашата нација и држава. И од плавуша да е премногу е.
За среќа медалот има и друга односно и своја светла страна. Организирајќи работилница за основите на човековите права во Битола за претставнички од младински здруженија на граѓани од различни националности на прашањето каде ја гледаат најголемата дискриминација во Македонија сите одговорија дека тоа е сиромаштијата,огромната разлика помеѓу богатите и сиромашните, тие шо имат и тие шо немат односно немањето на финансии за нормална егзистенција и живот.
Како ретко кога бев појќе од пријатно изненаден.Полека ама сигурно младината класно се освестува, иако не се бунтува, ретко кој можи да ја манипулира како своевремено разните лажни месии и квазилидери.
Арно ама има и постои БОГ и некоја космичка енергија која за среќа неможи никој да ја контролира. Повратниот ефект младите левичари како бумеранг го осетија за време на протестот насловен Љубовта е Љубов со цела Ел Џи Би конотација и иконографија кога протестираја верувале или не Титовите ЛЕВИ сили !? И оти изостана реакцијата на младите против постарите левичари ??? кои им го оспорија правото на парадирање низ Скопје. Па нормално против кој ќе се бунат !? своите баби и дедовци од чија колевка се испилија нашите тогашни и сегашни псеудолевичари.
Накрајот треба на сите едно да ни е јасно, неможи никогаш левичари и борци за работничките права да бидат буржоаски деца на Директори, Министри, Доктори, Адвокати или разноразни транзициски профитери, разгалени и распредни до бесвест кои невиделе мака во животот а сега ќе се борат за правата на бедните и гладните.Деца шо невиделе како изгледа фабрички погон а да не прајме муабет за Рудник, Топилница или тутун за калапење. Господа и Другари левичарство не е само да се залагате за поголеми права на Педерите, укинување на веронауката и залагање за абортус .Без поддршка на експлоатираните текстилци или ограбените млекари можите само да се сликате и да си играте виртуелни Че Гевари и прајте филмој дека сте на страната на правдата и правото како основен постулат на левицата а светлосни години далеку од вас односно против авторитетите и безмилосните капиталисти ко добар дел од вашите родители шо мајката му ја расплачија на чесниот народот и не донесоја до ова дереџе ....Ах ќе забораев да спомнам дека слободно можите да си пејте и прајте хорчиња како најкреативно и најсимпатично нешто шо сум го видел од вас.


Александар Мишевски

Христијан Илиески – Кико - Најдоброто од Македонија

Во пријатна и опуштена атмосфера поразговаравме со сигурно најтрифејниот најнадежниот и најдобриот спортист во нашата држава,интервју кое сигурно секој сериозен медиум мора барем еднаш да го направи за своите читатели



- Кога се јави љубовта кај тебе за моторите и мотокросот воедно ?

Љубовта спрема моторот кај мене се разви уште од најрана возраст односно од 5 години кога почнав да настапувам низ Македонија а потоа и насекаде во соседството на трки во Србија и Бугарија. Побитни успеси од тој период ми се шампион на Југоисточна Европа 2001 год, во младинска конкуренција каде настапија повеќе од стотина натпреварувачи и беше вистинско изненадување дете од 10 години да победи а на второ и трето место зад мене беа 5 години постари од мене учесници и беше смешно на подиумот да бидат 2 глави над мене. Тогаш возев само за да возам и победам детски и со ентузијазам. Бев три пати по ред шампиион на Македонија и како награда ја добив златната кацига.

- Како се одвиваше понатаму твојата кариера ?

Потоа почнав да возам европски натпревари и сум возел во Италија, Словенија а сум бил прв на сите трки во Грција, Бугарија, Србија, Романија и Молдавиија а во Италија бев 6 ти и то речиси без никакви услови и без тимска поддршка шо ја имат останатите натпреваручи зад кој стојат еден куп на луѓе. Досега не сум се вратил без пехар и тоа најчесто сум бил прв на пиедесталот и од отприлика 200 натпревари на 150 сум бил прв а останатите 2 или 3 место а не сум освоил медал само кога сум бил без пласман а тое најчесто се случува од технички причини односно дефект на моторот или повреди кои сум ги доживеал а се работи за интернационални настапи.

- Си освоил и се можно во Грција ?

Процентуално имам најмногу трки извозено во Грција односно околу 50 трки од кои 40 победи и тоа е државно првенство и идат гости и од Бугарија и Србија и со минимални услови успевам да ги победам а тоа мислам се должи на мојот талент. Имам многу обожаватели во Грција каде стално се веј Македонското знаме после моите победи. Сум бил прогласен исто и за крал на патеката во Грција на елиминационен натпревар од различни дисциплини, односно комбинација од суперкрос и ендуро и се работеше за вкупно 16 трки во 2 дена односно возење по дрвја и камења и бев апсолутен победник. Победив на сите трки во конкуренција на повеќе од 100 натпреварувачи од целиот Блакан и ми доделија круна која се доделува многу ретко и само за најдобриот меѓу најдобрите.

- Како реагираја Грците ?

Имам многу обожаватели таму и нема врска политичката ситуација секогаш доаѓаат да ме бодрат многу гледачи и сум давал многу изјави и интервјуа за нивните медиуми, единствено ми е мака шо не ја свират Македонската химна но го вадат нашето знаме и некогаш го пишат само името на градот т.е Битола

- Имаше авантура и во Бугарија ?

Во 2005 година заминав во еден тим во Бугарија кој ми понуди многу убав договор пред се финансиски и услови за тренинг и мотори најнови во моментот кога никој во Македонија не ми нудеше ништо а сето тоа потребно за мојата кариера. Ама се вид дека целта му е да ме елеминират да не му пречам на нивниот фаворит. Стално ми давај зарибан мотор и праеја некој местенки да невозам. Се случи еднаш да се степат буквално Претседателот на Бугарија и Градоначалникот оти јас победив, немубеше јасно како можи нивниот возач кој е победва насекаде по Европа да биди победен од мене на сред Бугарија.


- Кажи ни за некоја случка шо ти оставила впечаток ?

Во Бугарија на европски натпревар бев во квалификациите 4 ти и трикратниот Светски првак Вандерберг од Холандија кого многу го ценам ми пријде и неможеше да свати како со обичен мотор го постигнав овај резултат а во оваа прилика беше тренер во мојата категорија до 15 год а само јас бев со обичен мотор а сите беа со специјализирани мотори пример мојот ако е 5 илјади нивниот е 30 илјади евра.

- Исто разбрав дека екипно САМ на Македонија му го донесе 3 то место екипно?

Беше екипен настап и јас сам бев претставник од Македонија и повторно бев најдобар. Пример имаше 20 тина натпреварувачи од Бугарија, исто румунците ко домаќини беа бројни и овие земји беа на 1 и 2 место а Македонија со мојот успех и бодиовите кој ги донесов се искачи на 3 то место. Посебно мило ми е шо позади нас беа една Србија и Грција кои настапија со по неколку шофери.


- Имаш сеуште понуди од странство ?

Имам ама сакам да возам за Македонија и моите успеси да бидат под македонско знаме, се осеќам дека одовде потекнувам и овде припаѓам. Да ги имам сите потребни средства шо ги имат моите конкурентни од другите земји ќе бидам сигурно најдобар во Европа и во Светот. Мојата победа сакам да биди и победа на Македонија.




- Кој е приватно христијан ?

Како и секој мој врсник малку слободно време шо го имам го користам за да играм фудбал исто тренирам кик бокс а сега на зима ко ќе има снег одам на скијање. Воопшто не ми сменила популарноста и славата ништо. Бев избран меѓу врсниците односно читателите на списанието Наш свет за најпопуларно дете.

- Планови за Иднина ?

Да ја потврдам титулата Шампион на Југоисточна Европа оти лесно е да победиш ама потешко е да ја зачуваш титулата. Да возам на Европски натпревари и најбитно да ме чува господ од повреди оти е опасен спорт се случуваат потешки повреди а има и жртви. Сакам да возам пред се низ Европа и да го возам светското првенство а потоа и светското првенство. Цел тим стои зад тие возачи односно доаѓаат со шлепери со неколку мотори и сите потребни услови. Јас со овие минимални услови сум најдобар на Блаканот и меѓу подобрите во Европа со слични услови ко нив би бил сигурно најдобар и се надевам дека ќе го постигнам ако ми се овозможат интернационални натпревари.

Фолтин- Македонски звук на светското кабаре

Прават музика која е многу тешко да се дефинира, но многу лесно продира низ нашите сетила. Музика со многу силни емоции, страст, љубов и ритам која тие ја нарекуваат псевдо-емигрантско кабаре. Музика со многу зачини, која секогаш го содржи вистинскиот рецепт за успех. Започнуваат во 1995 година, во мало градче во срцето на Балканот со цел да го освојат светот. Денес, Фолтин се на добар пат успешно да ја завршат својата мисија.

Не водат на пат низ светот, кој ќе ги размрда сите наши сетила, а ќе застанеме на пет станици. За почеток ќе се качиме на брод и ќе пловиме со "Out re-mer", за да стигнеме на Медитеранот со "Архимед". За патувањето да биде уште поинтересно, ќе се качиме на магаре кое сака да стане коњ и ќе се стоплиме со јужно-американските мотиви во третиот албум на Фолтин – "Donkey Hot". Секое патување заслужува и љубовна романса, па Фолтин решија да ни приредат една таква која ќе ја доживееме преку симболот за страст и љубов без граници на Набоков – Лолита. Со "Lo-lee-ta-too" Фолтин ќе ги разбудат сите ваши сетила, ќе ги впијат сите ваши емоции и сигурни сме дека со музиката од овој албум секој од вас повторно ќе се почуствува заљубено. Ренесансата која ни ја нудат Фолтин не завршува тука, се враќаме назад во Македонија на петтата станица за да читаме љубовно писмо. "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" е врвот на развитокот на музиката на Фолтин каде што ќе почувствувате "пулс, масажа и адреналин"... Без разлика дали ги слушате дома или пак на концерт сигурно ќе ја почувствувате позитивната енергија која ја носат.

Фолтин имаа доста успешна година, со многу концерти и настапи низ целиот свет. Ги фативме на почетокот на тоа што тие го нарекуваат зимски сон, за да ни ги доловат впечатоците и искуствата кои ги добиле во текот на целата година. Се замуабетивме со двајцата Пецевци, кои ни кажаа како си поминаа во странство, која е тајната на Фолтин, за што се подготвуваат, а разговаравме и на многу други теми кои ќе се обидам да ви ги прикажам на неколку страници.


Што прават Фолтин во моментот?

Брада: Моментално, организираме свирки за на пролет. Свириме во текот на целата година и ова е период во кој што повеќе се гледаме приватно, а започнуваме и иницијатива за нови материјали.
Пеце: Самите организации за концертите одат во есен и во зима, за да свириме во пролет и во лето. Сега е време за организија, аранжмани и договори. Се работи за еден посмирен период со неколку свирки, но ние не правиме пауза, туку Фолтин да речеме, се само во еден зимски сон.


Во контекст на тоа, кој е менаџер на Фолтин?

Пеце: Фолтин нема менаџер, но има многу соработници. Соработуваме со многу луѓе кои ни помагаат и преку нив правиме договори. Немаме официјален менаџер, меѓутоа соработуваме со Анастасија од Литиум Рекордс, за која може да се рече дека ни е менаџер. Исто така работиме и сами, во зависност од обемноста на нештата. Не е така едноставно како што изгледа. Кога се работи за странство или пак за поголеми, погломазни настапи, кога има договори, потврдувања и други такви техникалии е многу полесно ако се има менаџер.


Фолтин е еден од најангажираните македонски бендови во странство, во која земја ви се најдраги настапите?

Брада: Во Либан... Па ги има многу, на пример исклучително искуство беше настапот во Divan du Monde што во превод значи Каучот на Светот, клуб во Парис кој опстојува од свирки.

Пеце: Тоа е работа која не може да се дефинира. Ако е полн клубот, ако има публика во принцип, секогаш може да има добра журка. Да не бидам претенциозен, но секогаш имало журка. Можеби не на почетокот кога ги свириме првите песни, но со самиот тек на свирката се создава добра атмосфера.


Слушнавме дека имате настапувано во затвор, какви се впечатоците од тој настан?

Пеце: Тоа е нешто што е многу интересно за да се постави како прашање, но е многу непријатно за да се доживее. Како може да биде во затвор? Кога ќе слушнеме за затвореници сите претпоставуваме дека се луѓе што направиле нешто со кое заслужиле да бидат таму, но кога треба да се свири пред нив, начинот на кој се гледаат работите е малку поинаков. Ние свиревме за затвореници кои се осудени од 3 години до доживотна робија. Тоа се луѓе кои што живеат со психијатриски надзор, со специјални брави, ходници и триста други контроли. Кога ќе застанат пред тебе, кога си во директен допир со затвореници, не гледаш на нив како на злосторници туку како на луѓе кои како да се испрани во мозокот. Тие се многу приземни луѓе кои што се прочистуваат од надворешниот свет. Ова големо брзање кое што постои кај нас, таа динамика на животот која ние ја доживуваме кај нив ја нема. Тие се на некој вид на терапија, многу се тивки и ретко искажуваат емоции.

Брада: Кога настапивме тие ни аплаудираа, но се чувствуваше голема контрола врз нивните емоции. Ја немаа таа слобода да ги искажат своите чувства, како што тоа може да го направи публиката на било кое друго место. Не можеа да уживаат во музиката, мораа мирно да седат, што наликуваше на театар. Ние настапивме во најмодерниот затвор во Париз, таму имаше игралишта за кошарка, имаа дури и печатница во која работеа. Но сепак, затворот е затвор, самото влегување таму позади решетки ствара една тензија. Имаше затвореник кој беше осуден на доживотна робија, кој ни се извини затоа што не можел да присуствува на нашиот настап, зошто бил зафатен.


Во вашиот последен албум "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" се чувствува некаква промена, некаква „македонштина“. На што се должи тоа?

Брада: Некако природно дојде до тоа. Ние имавме потреба да го направиме тоа затоа што ние тука живееме. Јас чувствувам македонштина од првиот па се до последниот албум, без разлика дали е македонски јазик, без разлика дали е есперанто... Луѓето веројатно го чувствуваат тоа затоа што е на македонски јазик.


Во песните на Фолтин ги среќаваме како мотиви Лолита, Дон Кихот, Везилка, па и стихови на Пјер Д Ронсар. Колкава е поврзаноста помеѓу литературата и музиката на Фолтин?

Брада: Голема... Како со литературата, така и со филмот и филозофијата.

Пеце: Секој наш албум носи своја приказна. На нашите албуми стои една кратка реченица која ја опишува приказната на албумот. Таа приказна се шири низ целиот албум и секој може да ја почувствува. Велат дека сите наши албуми се различни и дека сите албуми личат на себе. Така за пример Дон Кихот или Донки Хот има примеси на некакви шпански и јужно амерички зачини. Секој што ги слуша Фолтин може да осети детали од разни елементи, не само од музика туку и многу други нешта.


Пред извесно време победивте на World song contest. Може ли да ни кажите нешто повеќе за тоа?

Пеце: Тоа е конкурс на кој треба да се пријави песна. Ние не ја понудивме песната, ја понуди еден тип кој сеуште го немаме запознато.


Дали Фолтин имаат порака во својата музика?

Пеце: Фолтин немаат политичка порака. Се работи за чувство, чувството може само да се доживее. "Да зборуваш за музика е како да танцуваш за архитектура." Не сакаме да ги оптеретуваме слушателите со некои квази вистини и пораки туку повеќе сакаме да ги прикажиме нашите емотивни доживувања.


Ја направивте музиката за „Cash 'n' Marry“. Како ви се допадна филмот?

Брада: Супер филм! Тоа е документарец за луѓе кои добиваат државјанство надвор од Македонија со склучување на брак. Таа тема кај нас е веќе позната, филмот изгледа многу балкански - луѓето тука го разбираат, но во нивната култура, во нивното европско стерилно општество, поточно во Австрија, Виена е малку чудно. Овој филм им го претставува тоа на тие луѓе.

Пеце: Ние сме добри пријатели со Атанас Георгиев, тој неколку години го спремаше филмот и уште неколку години го работеше. Работен е долг период, а ние заглавивме едно лето со режисерот за време на монтирањето и ја направивме музиката за него. Филмот има добар прием, кај нас како што рече Пеце, гледачите најмногу го разбираат, но најмалку публика имаше во македонските кина. Многу добро помина во светските кина и доби многу награди. Филмот се емитуваше на една австриска телевизија и имаше многу голем фидбек. Таму, се крена малку поголема фама, бидејќи е насликана тамошната реалност.

Брада: Всушност, тоа не е филм, тоа е животот на Атанас. Тој 8 години го живееше тој живот. Тоа е документарец, животната приказна на тој човек снимена и монтирана.


Театарските претстави се бренд на Фолтин. Што повеќе ви се допаѓа, правењето музика за театар или концертите?

Пеце: Музиката за театарските претстави уште од самиот почеток одеше напоредно со работата на Фолтин. Имаме работено на многу претстави. Сега концертите се главни, но правиме и музика за театар. Кога се прави музика за театар, влегуваш во еден друг свет, во животот на претставата. Самото правење на таквата музика ја ограничува креативноста. Треба да се совпаѓаат сите елементи од глумците, па се до сценографијата.

Брада: Во театарот секогаш се почнува од тишина. Таа тишина е многу инспиративна за Фолтин. Кога е тивко може да те слушне секој. Театарот е една чувствителна, сензуална димензија. Постои акустика на сцената, темнина... Кога имаме концерт на сцената има рефлектори и има огромна публика. Битната разлика е во тишината. Ние се осеќаме исто и на театарска претстава и на концерт. Нас најмногу не интересира интимната врска со публиката. Се работи за емоции кои сакаме искрено да и ги пренесиме на публиката.

Пеце: Театарот е едно големо училиште за однесување на сцената.

Брада: Ретко одам во театар, театарот ми е досаден зошто не можам да излезам кога сакам, не можам да запалам цигара и ред други работи. На сцена се случува спротивното. Многу е поинтересно да си на сцена во театар, отколку во публика.

Пеце: Кога правиме разлика помеѓу театар и концерт мора да напомениме дека има огромна енергија во концертот. Кога имаме концерт многу се изморуваме и се потиме. Гласната музика обзема, влечи. Не го чувствуваме времето. После свирка, по еден саат, сите се прашуваме кога поминал еден час.


Кога сме кај настапите, Фолтин имаат многу енергични настапи во живо. Која е тајната формула на Фолтин за да се задоволи публиката?

Брада: Кило млеко и два портокали на сабајле секој ден и банана навечер.

Пеце: Тоа е нешто што едноставно се случува. Дури и кога би ја знаел тајната не би ја кажал.

Брада: Кога ќе излезиме на сцената, публиката нам ни е соговорник. Чувството се развива постепено. Ние имаме потреба да правиме музика и да си муабетиме со публиката. Нема тајна.

Пеце: Една од поголемите тајни е искуството. Кога ќе излезиш пред публика од 50 000 луѓе е многу лесно, како ние на Бирфест во Белград, рефлекторите заслепуваат и се чувствуваш како да свириш дома. А кога се свири за стотина луѓе, кои дишат во тебе, се стекнува такво искуство. Кога ќе почувствуваш како се накрева атмосфера и ја возвраќаш позитивната енергија. Да не бидам погрешно сфатен, кога се свири за огромна публика не е така едноставно. Помислата дека сите тие луѓе гледаат во тебе може да биде многу непријатно или пак многу пријатно доживување, во зависност од тоа колку добро си ја напишал домашната.


Каква музика слушаат членовите на Фолтин?

Пеце: Порано не прашуваа каква музика свирите и одговаравме странска музика од радио, а сега што е уште поинтересно не прашуваат каква музика слушате. Пак ќе одговорам странска музика од радио. Сите слушаме повеќе видови на музика. Во плеерите кои ги носиме кога патуваме, од џез до електронска музика.


Каде свиреа Фолтин во текот на изминатата година?

Пеце: Последен пат свиревме пред 13 дена во Софија во Софија лајв клуб и поминавме феноменално. Свиревме во Чешка, во Прага заедно со сликарот Масим. Предходно Имавме турнеја во Франција, почнавме со Марсеј, стигнавме до Париз,а таа турнеја ја завршивме во Минхен, Германија. На Балканот веќе се осеќаме како да сме дома, особено во Словенија каде имаме многу пријатели и контакти. Да напоменеме дека имаме член кој живее во Љубљана – Марјан Станич. Учествува на неколку од нашите албуми и на претстави на кои имаме работено.


Што планираат Фолтин за во иднина?

Пеце: Во јануари ќе почнеме со подготовки за една мини-турнеја која ќе започне во Словенија и ќе продолжи во Чешка, а можно е и Романија. Имаме договорено два фестивали за во април, едниот во Каен, а другиот во Брисел. Ќе имаме и турнеја во Франција која сеуште е во преговори.

Масовно општество

Што е всушност медиум?
Еден од најупотребуваните зборови во современата комуникација е зборот медиум. Освен што е најупотребуван, терминот е и еден од потешките за дефинирање. Во англискиот јазик, овој збор може да се најде со 15 различни дефиниции. Во македонскиот јазик овој термин има нешто потесно енциклопедиско значење, но содржината на самиот термин останува комплицирана.

Дефиниција


Општа дефиниција (позната и како Маклуанова дефиниција): Секој материјално поткрепен ентитет што може да пренесе некоја порака е медиум (согласно со ова медиум е маичката со некаков натпис, кожата со тетоважа, зградата со политички плакат врз неа, и.т.н.);

Класично-конвенционална дефиниција: Медиум е комуникациски систем заснован врз одреден технолошки уред кој емитува пораки до публиката (согласно со ова медиум е радиото засновано врз технолошкиот уред радио апарат, телевизијата со ТВ приемникот, телефонот со телефонскиот апарат, но и книгата, весникот, факсот, телеграфот, компјутерот, I-pod, и.т.н.);

Технолошка дефинција: Технологијата на запишување (кодирање) на пораките се дефинира како медиум, па согласно со ова се разликуваат: печатени медиуми,електронски медиуми (ТВ, телефон, радио), дигитални медиуми и слично.
Социолошка дефиниција: Комуникациски систем кој пренесува пораки од одреден испраќач до публиката (масовни медиуми, локални медиуми, државни медиуми, приватни медиуми, глобални медиуми, и слично).

Медиуми или масовни медиуми е термин кој најчесто се користи за да се означи, како класа, оној дел од медиумите чија намера е да допре до многу голема публика. Терминот за прв пат се појавува во 20тите години на минатиот век со појавата на националните радио-мрежи и весниците и списанијата со масовна дистрибуција. Публиката на масовните медиуми е разгледувана од некои теоратичари како масовно општество со посебни особини, поради начинот на кој што тоа постојано е во движење, што го прават посебно подложно на влијанието на модерните мас-медиумски техники како рекламирањето и пропагандата.






Масовно општество

Масовното општество, означува термин кој што е поврзан со модерното општество, односно со општеството на индустриската ера. Уште од неговот прво појавување, на почетокот од минатиот век, масовното општество било поврзувано индустриската револуција и птценувањето на традиционалните и аристократски вредности.
Во еден труд на Емил Диркем терминот масовно општество бил поврзан со општество на униформиранотст. Во 20-от век нео- Марксистичките движења, поткрепени од школи како што била Франкфуртската, масовното општество го поврзувале со изолирани индивидуи кои што меѓусебно ги поврзувала културната индустријализација која му била слуга на капитализмот.
Конзервативните движења во 20-т век го критикувале масовното општество од друга перспектива. Имено, Хозе Ортега Гасет масовното општество го обвинил за уништување на високата култура. Без разлика, дали масовното општество ќе се окарактеризира како лево или десно движење, тоа сепак низ годините било користено од двете страни во нивните меѓусебни расправии.
Масовното општество, како идологија најчесто се смета како спротивност на елитното општество, односно на оној слој од општествто кое што ја следи традицијата и високата култура. Реално гледано, денес, а и години наназад, масовното општество е во рацете на малиот, но моќен дел од елитата. Политиката на водење на масовното општество е доста едноставна. Мали моќни индивидуи, од различни гранки на културата, им го сервираат готовиот производ на масите, за потоа полесно владеат со нив и ги контролираат.
Ваквите теории и начини нa водење на масите се разработуваат скоро во сите студии кои што се посветени на медиумите, и укажуваат на нивното влијание врз публиката. Но, како и да е медиумите за масовна комуникација се неопходен инструмент за развој и забава на масовното општество.
Медиумите и социјалните мрежи денес

Она што во момемнтот го претставува модерното општество се медиумите. Живееме во време кога се околу нас е медиум. Секое нешто, секој предмет пренесува некоја порака , рекламира некој бренд или шири пропаганда. Едно истражување извршено во 2008 година, покажало дека еден просечен човек кој што живее во една просечно развиена држава дневно е сведок на 3 500 реклами. Можеби оваа бројка на почеток изгледа огромна, но доколу се размисли подлабоко и “би си го вратиле филмот наназад“ ќе сфатиме дека едно обично пазарење во супер маркет нуди огромен број на производи и следствено на тоа рекламира брендови. А што е со шетањето по улица? Сите автомобили, излози, згради, па и луѓе (со својата облека) претставуваат еден вид на реклама и потсвесно наметнување на одреден производ. Во никој случај не смее да се заборави и телевизијата.
Сите овие примери се само вовед во она што може модерното општество со помош на технологијата и медиумите да направи и влијае врз една личност.
Најдобар и најдискутабилен пример, кој воедно ја опишува и целата оваа медиумска револуција која што се одвива последниве години, секако е новинарството потпомогнато од технологијата.
Самото појавување на блоговите веќе беше наговестување на една голема револуција за која се очекуваше да го демократизира општеството. И тоа и го направи. Му се даде шанса на, буквално секој жител на планетата, кој што има пристап до интернет да сподели информации и свои ставови со останатите корисници на интернет, притоа, да може да го скрие својот идентитет и без никаква цензура. Токму таа опција беше клучната која од 2002 па наваму одигра најзначајна улога во сите важни сегменти од општеството (политика, наука, економија, образование). Дури и во земји како Кина и Иран, блоговите и слободниот начин на изразување на своите ставови, успеаа да ја превземат главната улого при “освестувањето“ на народот.
Колку блоговите и т.н. слободно новинарство ќе направат во иднина, сеуште не може да се каже, бидејќи тие веќе се дел од нас и не се третираат како нешто што функционира одделно.


Социјалните медиуми се ефтини, скоро бесплатни

Самите сервиси кои всушност се социјални медиуми во најголема мера се бесплатни (Facebook, Twitter, Youtube…), но смислувањето и спроведувањето на стратегија за нивна употреба во корпоративни цели (зголемување на продажба, позиционирање бренд…) бара одредено знаење, вештина, време, а со самото тоа значи и пари. Основната предност кај употребата на сервисите за социјално вмрежување кога станува збор за парите е што навистина овие активности ги намалуваат трошоците за промоција, но сепак потребно е време, а тоа не е бесплатно. Во поголемиот број (пред се поголеми) компании постојат луѓе чии работни активности врзани токму со друштвените медиуми и токму за тоа добиваат плата.

Влијанието на медиумите и на вредностите кои тие ги застапуваат (забава, уживање, опуштање, отворена комуникација, интеракција…) сè повеќе добиваат на вредност во сите сфери на општественото живеење. Таков е случајот со образованието. Вообичаеното, барем локално, разбирање е дека образовниот процес е категорија која е автономна и неспоива со други сфери, како што е забавата. Но, не повеќе. Трендовите во ова област, под интензивно влијание на медиумското опкружување се менуваат и се обидуваат да се прилагодат кон новите навики на учениците и на сите оние кои треба да бидат инволвиран во образовниот процес, пред сè со употреба на забавни методи во учењето, каков што е и следниот скорешен пример, кога во училиштата низ Канада и САД за да се мотивираат учениците да ги читаат драмите на Шекспир, нив им се дава софтвер преку кој низ игра учениците би се запознале со содржината и ликовите.
Идејата е прилично „штосна“ и интересна, но останува да се забележи и тоа дека сведочи за промената во вредностите и преориентација кон забавувањето и уживањето на модерната глобална култура во сите сфери на дејствување.
Впрочем, е еден поглед на промените во приодот на емисиите кои одат на досега барем научниот тв-канал „Discovery Channel“ и редица забавни „reality show“-а и документарни драми се исто така показатели за оваа прилично радикална промена и поместување. Сличен процес е во тек и во информативната сфера каде почнуваат да преовладуваат пристапи во информирањето кои се нарекуваат „info-tainment“.


Како што и погоре непоменавме, медиумите и масовното општество го сочинуваат масите, оној слој од општеството кој што на некој начин е најлесен за манипулирање. Наспроти него функционира елитното општество, кое сеуште се стреми да ги зачува традиционалните вредности кај човекоти нековиот однос кон светот околу него. Исто така напоменавме дека токму таа група на индивидуи кои им припаѓаат на елитата ги поседуваат сите тие медиуми (алатки) со кој што манипулираат со јавноста и им ги диктираат своите ставови. Секако во сите тие лавиринти веќе почнува да избелднува таа висока култура која се темелеше на, пред се литература и уметност за сметка на профитот и потребата од „поедноставување на секојдневниот живот“. Најинтересниот дел од сето ова е што во битката која се води помеѓу елитата, создавајќи ја конкуренцијата, најголема придобивка има крајниот корисник.
...или само така сакаме да мислиме.

За испразнетиот трезор и Гогљевиот Ревизор

Животот прави драми, писателите ги препишуваат а театрите ги изведуваат. Само каде се тука директорите?!!! Според последното непријатно искуство на БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР, тие се за да прават долгови. Така и тие остануваат запаметени по нешто, со трагата што ја оставаат зад себе. А според последните пресметки, тие се заокружени на околу три милиони денари заостанат долг (50 000 Евра) од последните директорувања во овој театар.Овде не е вкалкулирана сумата од епилогот со судскиот процес кој е во тек, за незавршената претстава “Алкмеон од Коринт”.
Секоја трага што смрди на пари и откази, според ревизорските истраги, најчесто е поврзана со лични незаконски замешателства. Во секоја правна држава, во која се применуваат законите и се ценат парите на нивните даночни обврзници, одлеаните пари со далавери се расчистуваат до крај и секој поименично се терети за оставената незаконска трага. А кај нас??? Во оваа држава со р е ф е р е н ц а , со која уште ЕДНООКИОТ не задолжи и ни вети дека тоа ќе се реши за петнаесет дена, тоа се решава поинаку. Со ветувања и секакви можни оправдувања, и онака помалите учат од поголемите. Бидејќи директорите се регрутираат од партиските ешалони на власт, очигледно е дека и оваа финансиска дупка ќе исчезне како дупка во вода. А тие кои нема што да празнат, останува да прават нешто друго, макар и креативно. За сонот на артистот да стани режисер, потоа градоначалник, па дури и претседател, само небото е граница. Човечката амбиција е предизвик со видливи резултати. Уште по очигледни ако се тука пред нас на сцената. Токму таков успешен обид имаше и младиот Мартин Мирчевски на 11 Декември 2009 година со неговата адаптација и режија на Гогољевиот “РЕВИЗОР”. Режисерски потфат достоен за почит. Современо и динамично, пренесено со визурата на сегашниот ритам на живеењето, иако е ова драма од пред 173 години. Проектот е работен во амбиент на рестрикција, но тоа како да беше само уште поголем предизвик за креативните потенцијали на самиот режисер и целата инзвонредна екипа, кои го вадеа максимумот од сето она што можеше да се извади, од нив самите и од сценскиот простор, во декорот од рацинализирани, дури и елементарно навестени успешни инпровизации на сценографијата. Тоа е потврда за она што беше речено и на самата прес-конференција за овој проект дека е ова “проект од љубов и со љубов од сите учесници во него”. А таа љубов и тоа како беше успешно пренесена до аудиториумот кој ја следеше. Бурниот и искрен аплауз на крајот од претставата, беше одглас за сето видено, затоа што имаше и со што да ги плени симпатиите на публиката. Иако ова е прв режисерски обид на младиот актер Мартин Мирчевски, сепак беше зрела поставка, што ја номинира како х и т п р е т с т а в а во репертоарската понуда на БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР. И самата успешна прес-конференција, со вистински сменет професионален однос кон новинарите и медиумите, навестува многу поуспешен пристап и кон помногубројната публика. Збирот од сите мали нешта ја прави големата работа, успехот или неуспехот. Вршителот на должноста директор на оваа куќа Мимоза Бакиевска, очигледно знае како да се однесува со многу нешта, за кои нејзините предходници или не знаеја или на сакаа професионално да се однесуваат како што треба, и затоа завршија така како што завршија. Најевтино се учи од туѓите грешки, затоа се некои и така успешни .
За уште една убава пригода имавме повод да се увериме на педесетата јубилејна изведба на “ОБЅРНИ СЕ ВО ГНЕВОТ” од Џон Озборн. Премиерната изведба беше на 16 Мај 2007 година, одеше во текот на 2008, цела 2009 година и стигна до 17 Декември на својата педесетница. Ништо необично ако се знае дека е тоа познат текст на реномиран автор. Меѓутоа, овај пат, се работи за успешно изведувана изведувана претстава што беше дипломска работа од ФАКУЛТЕТОТ ЗА ДРАМСКИ УМЕТНОСТИ во Скопје, отсек театарска режија, на нашиот млад сограѓанин Јован Ристовски, и негова успешна одбрана со десетка, што е очигледна потврда со опстојувањето на претставата во тековниот репертоар на овај театар. Финансиските проблеми од секогаш ја ограничувале уметноста, ама со креативните творци никогаш не сме оскудувале на овие наши простори. Младите образовни кадри доаѓаат со нови идеи и погледи кон уметноста. Само како ќе бидат пречекани???
Со празни трезори и ревизори кои излегле од перото на Гогољ, или по партиски диктат од оние кои ги испратиле да ја заметнат трагата на нивните послушници.

Сепак низ времето опстојува она што квалитетот го просејува.


Љ у п ч о В е л ј а н о в
 

BLOK © 2008.