Thursday, February 5, 2009

All your base are belong to us

Многумина денеска се изјаснуваат како програмери. Но не се. Многумина денеска се декларираат за хакери. Тоа се најмалку. Што направиле тие? Многумина сакаат да се револуционери, да ги направат работите подобри, светот да функционира подобро, но слепо ги прифаќаат навиките и принципите што им ги нуди лагата дека мнозинството е секогаш во право. Светот во минатиот век се смена. Промените се случуваат секој ден. Луѓето велеа дека компјутерот нема никогаш да стигне во домовите на обичниот човек. Тоа денес е смешно. Работите се менуваат секој час. Младите надежи кои прават атомите да вибрираат се мета на простите етикети како „криминалци“ или како „прекршители на законот“. Светот стана поле во кое индустријализацијата доби ново име, технологија. Киберпанк ера во која технологијата стана информатичка технологија во која сѐ зависи од нејзиниот развој. Што правиме, што гледаме, што слушаме, облекуваме и посакуваме. Сѐ зависи од битовите податоци кои непрестајно врват низ мрежата од мрежи од мрежи. Некои луѓе се обидуваат тоа да го спречат. Да ги оцрнат тие кои овозможуваат податоците да патуваат неволно. Некои сакаат да ги сечат во корен луѓето кои ја создале и кои ја одржуваат мрежата. Сакаат да ги уништат хакерите.
Масовните медиуми, мејнстрим медиумите, постојано прават погрешно претставување на терминот хакер пред очите на простата маса што ги прати. И повеќе од битно е да се знае значењето на терминот хакер и што сѐ може да се поврзи со ова именување на оние кои со него се идентификуваат. Иако во нашето општествено уредување овој термин најчесто насочува кон злобни личности кои сакаат да нанесат штета на нечија системска инфраструктура, припадниците на заедницата на програмери на слободен софтвер сакаат да го привлечат вниманието на целата јавност, а со тоа и на медиумите и да дадат правилно или приближно толкување на овој термин со неговата суштинска вредност. Ако хакерот се дефинира како личност која е склона кон решавање и изнаоѓање на решенија за природно или вештачки создадени проблеми, тогаш може да кажеме дека хакер е секој човек кој во историјата бил склон кон оваа активност. Без разлика на тоа дали човекот во историјата бил музичар, сликар, актер или програмер, врз него може да се прилепи одликата хакер доколку тој со неговата работа придонел за општото добро на луѓето во светот, преку што се доаѓа до заклучокот дека хакер е човек кој прави општеството да функционира подобро овозможувајќи му на сите кои се дел од општествениот поредок во одделни земји во светот, да уживаат во неговите решенија. Сепак, во денешното технократско општество терминот хакер најчесто го врзуваме со личност која се бави со технологија, особено кој гледа интерес во развивањето на компјутерски решенија за проблемите со кои корисниците секојдневно се соочуваат. Постојат програмери кои развиваат софтвер и кои се навистина добри во тоа, но хакерот најпросто кажано е програмер кој развива слободен софтвер и кој навистина е добар во тоа.
Постојат милиони мали проблеми кои чекаат некој да ги реши. Хакерите се тие кои ја искористиле мотивацијата од секојдневието за решавање на проблемите кои можат да му помогнат на човекот да живее подобро. Тие го ценат времето кое другите го поминале врз решавањето на други проблеми и ги користат придобивките од таа активност. Тие ги споделуваат нивните трудови со остатокот од светот, не сакаат друг да работи на истиот проблем повторно, непотребно трошејќи дел од нивното време за решавање на проблеми кои веќе се решени. Хакерите веруваат во својата способност. Знаат дека знаат. Знаат како нивниот систем функционира, знаат како да го направат подобар и како да им ја воочат на другите можноста за подобро функционирање на технолошките уреди. Иако честа мета на потсмев и отфрлање, хакерите се интелигентниот слој во општеството.
Правењето на разлика помеѓу терминот хакер и кракер може да се прифати едноставно доколку ја разгледаме мотивацијата на процесот кој поединец со одредено знаење го направил. Денес и не е тешко да се пробие некој сајт, да се пробијат заштитените безжични мрежи, постојат алатки чие користење најчесто доаѓа до израз кај т.н. сцрипт киддиес или игноранти кои знаат како да ги користат но не знаат како функционираат истите. Иако алатките се напишани од генијални умови, крајната цел најчесто е во рацете на кракерите. Доколку овие алатки дојдат во рацето на личности на кои им се крева адреналинот од направената штета во инфраструктурата, без притоа да се потенцира причината и поентата на нападот велиме дека дошле во рацете на кракери. Хакерот има мотив, има цел, знаење и порака. Хакерот не прави штета врз платформите кои ги експлоатира и знае да ги искористи неговите знаења тогаш кога тоа му е потребно.
Во нашата земја, особено ситуацијата со толкувањето на функцијата на хакерот како дел од глобалното ИТ општество е ТАПА. Необразованите луѓе немаат ни слушнато за овој термин, а пак тие кои слушнале не знаат што сѐ крие зад него. Заедницата на хакери во Македонија постојано се труди да ги промовира придобивките од експлоатацијата на знаењето на хакерите и производите кои веќе се спремни за користење. Мејстрим медиумите и понатаму ќе продолжат со злоупотребата на овој термин за нивните информативно-комерцијални цели, па секогаш кога нивните медиуми ќе бидат мета на хакерски напад ќе плачат дека за тоа немало потреба и дека тие се само невини жртви и случајот ќе го пријават во полиција. Последното нешто што треба да го знаат: тие никогаш нема да запрат.
author: gemidjy
web: http://blog.gemidjy.info

No comments:

 

BLOK © 2008.