Tuesday, January 19, 2010

Фолтин- Македонски звук на светското кабаре

Прават музика која е многу тешко да се дефинира, но многу лесно продира низ нашите сетила. Музика со многу силни емоции, страст, љубов и ритам која тие ја нарекуваат псевдо-емигрантско кабаре. Музика со многу зачини, која секогаш го содржи вистинскиот рецепт за успех. Започнуваат во 1995 година, во мало градче во срцето на Балканот со цел да го освојат светот. Денес, Фолтин се на добар пат успешно да ја завршат својата мисија.

Не водат на пат низ светот, кој ќе ги размрда сите наши сетила, а ќе застанеме на пет станици. За почеток ќе се качиме на брод и ќе пловиме со "Out re-mer", за да стигнеме на Медитеранот со "Архимед". За патувањето да биде уште поинтересно, ќе се качиме на магаре кое сака да стане коњ и ќе се стоплиме со јужно-американските мотиви во третиот албум на Фолтин – "Donkey Hot". Секое патување заслужува и љубовна романса, па Фолтин решија да ни приредат една таква која ќе ја доживееме преку симболот за страст и љубов без граници на Набоков – Лолита. Со "Lo-lee-ta-too" Фолтин ќе ги разбудат сите ваши сетила, ќе ги впијат сите ваши емоции и сигурни сме дека со музиката од овој албум секој од вас повторно ќе се почуствува заљубено. Ренесансата која ни ја нудат Фолтин не завршува тука, се враќаме назад во Македонија на петтата станица за да читаме љубовно писмо. "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" е врвот на развитокот на музиката на Фолтин каде што ќе почувствувате "пулс, масажа и адреналин"... Без разлика дали ги слушате дома или пак на концерт сигурно ќе ја почувствувате позитивната енергија која ја носат.

Фолтин имаа доста успешна година, со многу концерти и настапи низ целиот свет. Ги фативме на почетокот на тоа што тие го нарекуваат зимски сон, за да ни ги доловат впечатоците и искуствата кои ги добиле во текот на целата година. Се замуабетивме со двајцата Пецевци, кои ни кажаа како си поминаа во странство, која е тајната на Фолтин, за што се подготвуваат, а разговаравме и на многу други теми кои ќе се обидам да ви ги прикажам на неколку страници.


Што прават Фолтин во моментот?

Брада: Моментално, организираме свирки за на пролет. Свириме во текот на целата година и ова е период во кој што повеќе се гледаме приватно, а започнуваме и иницијатива за нови материјали.
Пеце: Самите организации за концертите одат во есен и во зима, за да свириме во пролет и во лето. Сега е време за организија, аранжмани и договори. Се работи за еден посмирен период со неколку свирки, но ние не правиме пауза, туку Фолтин да речеме, се само во еден зимски сон.


Во контекст на тоа, кој е менаџер на Фолтин?

Пеце: Фолтин нема менаџер, но има многу соработници. Соработуваме со многу луѓе кои ни помагаат и преку нив правиме договори. Немаме официјален менаџер, меѓутоа соработуваме со Анастасија од Литиум Рекордс, за која може да се рече дека ни е менаџер. Исто така работиме и сами, во зависност од обемноста на нештата. Не е така едноставно како што изгледа. Кога се работи за странство или пак за поголеми, погломазни настапи, кога има договори, потврдувања и други такви техникалии е многу полесно ако се има менаџер.


Фолтин е еден од најангажираните македонски бендови во странство, во која земја ви се најдраги настапите?

Брада: Во Либан... Па ги има многу, на пример исклучително искуство беше настапот во Divan du Monde што во превод значи Каучот на Светот, клуб во Парис кој опстојува од свирки.

Пеце: Тоа е работа која не може да се дефинира. Ако е полн клубот, ако има публика во принцип, секогаш може да има добра журка. Да не бидам претенциозен, но секогаш имало журка. Можеби не на почетокот кога ги свириме првите песни, но со самиот тек на свирката се создава добра атмосфера.


Слушнавме дека имате настапувано во затвор, какви се впечатоците од тој настан?

Пеце: Тоа е нешто што е многу интересно за да се постави како прашање, но е многу непријатно за да се доживее. Како може да биде во затвор? Кога ќе слушнеме за затвореници сите претпоставуваме дека се луѓе што направиле нешто со кое заслужиле да бидат таму, но кога треба да се свири пред нив, начинот на кој се гледаат работите е малку поинаков. Ние свиревме за затвореници кои се осудени од 3 години до доживотна робија. Тоа се луѓе кои што живеат со психијатриски надзор, со специјални брави, ходници и триста други контроли. Кога ќе застанат пред тебе, кога си во директен допир со затвореници, не гледаш на нив како на злосторници туку како на луѓе кои како да се испрани во мозокот. Тие се многу приземни луѓе кои што се прочистуваат од надворешниот свет. Ова големо брзање кое што постои кај нас, таа динамика на животот која ние ја доживуваме кај нив ја нема. Тие се на некој вид на терапија, многу се тивки и ретко искажуваат емоции.

Брада: Кога настапивме тие ни аплаудираа, но се чувствуваше голема контрола врз нивните емоции. Ја немаа таа слобода да ги искажат своите чувства, како што тоа може да го направи публиката на било кое друго место. Не можеа да уживаат во музиката, мораа мирно да седат, што наликуваше на театар. Ние настапивме во најмодерниот затвор во Париз, таму имаше игралишта за кошарка, имаа дури и печатница во која работеа. Но сепак, затворот е затвор, самото влегување таму позади решетки ствара една тензија. Имаше затвореник кој беше осуден на доживотна робија, кој ни се извини затоа што не можел да присуствува на нашиот настап, зошто бил зафатен.


Во вашиот последен албум "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" се чувствува некаква промена, некаква „македонштина“. На што се должи тоа?

Брада: Некако природно дојде до тоа. Ние имавме потреба да го направиме тоа затоа што ние тука живееме. Јас чувствувам македонштина од првиот па се до последниот албум, без разлика дали е македонски јазик, без разлика дали е есперанто... Луѓето веројатно го чувствуваат тоа затоа што е на македонски јазик.


Во песните на Фолтин ги среќаваме како мотиви Лолита, Дон Кихот, Везилка, па и стихови на Пјер Д Ронсар. Колкава е поврзаноста помеѓу литературата и музиката на Фолтин?

Брада: Голема... Како со литературата, така и со филмот и филозофијата.

Пеце: Секој наш албум носи своја приказна. На нашите албуми стои една кратка реченица која ја опишува приказната на албумот. Таа приказна се шири низ целиот албум и секој може да ја почувствува. Велат дека сите наши албуми се различни и дека сите албуми личат на себе. Така за пример Дон Кихот или Донки Хот има примеси на некакви шпански и јужно амерички зачини. Секој што ги слуша Фолтин може да осети детали од разни елементи, не само од музика туку и многу други нешта.


Пред извесно време победивте на World song contest. Може ли да ни кажите нешто повеќе за тоа?

Пеце: Тоа е конкурс на кој треба да се пријави песна. Ние не ја понудивме песната, ја понуди еден тип кој сеуште го немаме запознато.


Дали Фолтин имаат порака во својата музика?

Пеце: Фолтин немаат политичка порака. Се работи за чувство, чувството може само да се доживее. "Да зборуваш за музика е како да танцуваш за архитектура." Не сакаме да ги оптеретуваме слушателите со некои квази вистини и пораки туку повеќе сакаме да ги прикажиме нашите емотивни доживувања.


Ја направивте музиката за „Cash 'n' Marry“. Како ви се допадна филмот?

Брада: Супер филм! Тоа е документарец за луѓе кои добиваат државјанство надвор од Македонија со склучување на брак. Таа тема кај нас е веќе позната, филмот изгледа многу балкански - луѓето тука го разбираат, но во нивната култура, во нивното европско стерилно општество, поточно во Австрија, Виена е малку чудно. Овој филм им го претставува тоа на тие луѓе.

Пеце: Ние сме добри пријатели со Атанас Георгиев, тој неколку години го спремаше филмот и уште неколку години го работеше. Работен е долг период, а ние заглавивме едно лето со режисерот за време на монтирањето и ја направивме музиката за него. Филмот има добар прием, кај нас како што рече Пеце, гледачите најмногу го разбираат, но најмалку публика имаше во македонските кина. Многу добро помина во светските кина и доби многу награди. Филмот се емитуваше на една австриска телевизија и имаше многу голем фидбек. Таму, се крена малку поголема фама, бидејќи е насликана тамошната реалност.

Брада: Всушност, тоа не е филм, тоа е животот на Атанас. Тој 8 години го живееше тој живот. Тоа е документарец, животната приказна на тој човек снимена и монтирана.


Театарските претстави се бренд на Фолтин. Што повеќе ви се допаѓа, правењето музика за театар или концертите?

Пеце: Музиката за театарските претстави уште од самиот почеток одеше напоредно со работата на Фолтин. Имаме работено на многу претстави. Сега концертите се главни, но правиме и музика за театар. Кога се прави музика за театар, влегуваш во еден друг свет, во животот на претставата. Самото правење на таквата музика ја ограничува креативноста. Треба да се совпаѓаат сите елементи од глумците, па се до сценографијата.

Брада: Во театарот секогаш се почнува од тишина. Таа тишина е многу инспиративна за Фолтин. Кога е тивко може да те слушне секој. Театарот е една чувствителна, сензуална димензија. Постои акустика на сцената, темнина... Кога имаме концерт на сцената има рефлектори и има огромна публика. Битната разлика е во тишината. Ние се осеќаме исто и на театарска претстава и на концерт. Нас најмногу не интересира интимната врска со публиката. Се работи за емоции кои сакаме искрено да и ги пренесиме на публиката.

Пеце: Театарот е едно големо училиште за однесување на сцената.

Брада: Ретко одам во театар, театарот ми е досаден зошто не можам да излезам кога сакам, не можам да запалам цигара и ред други работи. На сцена се случува спротивното. Многу е поинтересно да си на сцена во театар, отколку во публика.

Пеце: Кога правиме разлика помеѓу театар и концерт мора да напомениме дека има огромна енергија во концертот. Кога имаме концерт многу се изморуваме и се потиме. Гласната музика обзема, влечи. Не го чувствуваме времето. После свирка, по еден саат, сите се прашуваме кога поминал еден час.


Кога сме кај настапите, Фолтин имаат многу енергични настапи во живо. Која е тајната формула на Фолтин за да се задоволи публиката?

Брада: Кило млеко и два портокали на сабајле секој ден и банана навечер.

Пеце: Тоа е нешто што едноставно се случува. Дури и кога би ја знаел тајната не би ја кажал.

Брада: Кога ќе излезиме на сцената, публиката нам ни е соговорник. Чувството се развива постепено. Ние имаме потреба да правиме музика и да си муабетиме со публиката. Нема тајна.

Пеце: Една од поголемите тајни е искуството. Кога ќе излезиш пред публика од 50 000 луѓе е многу лесно, како ние на Бирфест во Белград, рефлекторите заслепуваат и се чувствуваш како да свириш дома. А кога се свири за стотина луѓе, кои дишат во тебе, се стекнува такво искуство. Кога ќе почувствуваш како се накрева атмосфера и ја возвраќаш позитивната енергија. Да не бидам погрешно сфатен, кога се свири за огромна публика не е така едноставно. Помислата дека сите тие луѓе гледаат во тебе може да биде многу непријатно или пак многу пријатно доживување, во зависност од тоа колку добро си ја напишал домашната.


Каква музика слушаат членовите на Фолтин?

Пеце: Порано не прашуваа каква музика свирите и одговаравме странска музика од радио, а сега што е уште поинтересно не прашуваат каква музика слушате. Пак ќе одговорам странска музика од радио. Сите слушаме повеќе видови на музика. Во плеерите кои ги носиме кога патуваме, од џез до електронска музика.


Каде свиреа Фолтин во текот на изминатата година?

Пеце: Последен пат свиревме пред 13 дена во Софија во Софија лајв клуб и поминавме феноменално. Свиревме во Чешка, во Прага заедно со сликарот Масим. Предходно Имавме турнеја во Франција, почнавме со Марсеј, стигнавме до Париз,а таа турнеја ја завршивме во Минхен, Германија. На Балканот веќе се осеќаме како да сме дома, особено во Словенија каде имаме многу пријатели и контакти. Да напоменеме дека имаме член кој живее во Љубљана – Марјан Станич. Учествува на неколку од нашите албуми и на претстави на кои имаме работено.


Што планираат Фолтин за во иднина?

Пеце: Во јануари ќе почнеме со подготовки за една мини-турнеја која ќе започне во Словенија и ќе продолжи во Чешка, а можно е и Романија. Имаме договорено два фестивали за во април, едниот во Каен, а другиот во Брисел. Ќе имаме и турнеја во Франција која сеуште е во преговори.

No comments:

 

BLOK © 2008.