Стрипот е една фантазмагорична убавина на хартиените кукли. Во состојба секогаш постојана, неподвижни како марионети без конци, тој е нешто што не може да се најде во филмот, кој исто така има своја убавина и динамичност.
Тој е еден вид, суштински различен, кој дава преглед на еден сосема поинаков стил, свет на изразување. Светот на стрипот би можел широкоградо да му ги подари на филмот сцените, карактерите, приказните, но не и најмистичната и најнеописливата убавина – постојаноста и неподвижноста на закачените пеперутки.”
Федерико Фелини
Нема да се правам попаметна и да се трудам да кажам нешто слично за стрипот, туку едноставно ќе се согласам со она што големиот италијански режисер имал да го каже. Можеби помалку познат факт е дека Фелини бил не само љубител на стрипот туку својата креативност ја искористил да создава и дела од деветтата уметност. Оние што го познаваат, читаат и сакаат стрипот (а кои искрено се надевам дека ги има во поголем број отколку што мислам) можат да ја разберат ваквата емотивна изјава. (Не)читањето стрип во Македонија отсекогаш ми била провокативна тема, но колку и да е примамливо впуштањето во една таква расправа сепак решив да го одложам тоа прашање во интерес на самиот стрип и стрип културата кај нас. Можеби некој сепак ќе го прочита текстов и ќе научи нешто и ќе посака да научи уште повеќе, па ќе се намали бројот на луѓе кои ќе ме сретнат на улица со стрип и ме прашуваат зошто сè уште читам сликовници. За оние кои почнале да се запознаваат со оваа уметност преку филмот - стрипот не започнува (и дефинитивно не завршува) со Бетмен, Супермен, Спајдермен и другите помалку комерцијални “мен” од клубот суперхерои, кои моментално ја спасуваат филмската индустрија од недостатокот на оригинални идеи и попатно го спасуваат и човештвото. Со сета должна почит кон овие јунаци и нивниот долг опстанок и неоспорен квалитет, не секој стрип може да се екранизира, бидејќи, како што и рекол паметниот чичко Фелини, закачените пеперутки се намерно закачени и не треба да се помрднуваат, инаку ќе ни се сронат во прстите. Раѓање и еволуција на стрипот Наративното сликарство и наративната илустрација е форма на изразување која човекот ја употребувал уште пред илјадници години. Египетското сликарство поддржано со хиероглифи, фреските во црквите, средновековните таписерии, сите тие ја содржат истата идеја. Со развивањето на печатарските машини се развива и стрипот, со тоа што сега е многу полесно да стигне до читачот во форма на печатен медиум. Во овој период се развиваат и влегуваат во употреба и добро познатите балони во кои се впишува текстот од говорот на ликовите. Модерниот стрип е роден во Швајцарија со делото на Родолф Тофер Приказната за господинот Старо Дрво во далечната 1827 г. На прв поглед и не изгледа толку модерно, бидејќи форматот не е каков што најчесто се користи и според кој стрипот е најпознат – тука ги нема балончињата за говор, кои во тој период излегле од употреба и ќе се вратат во почетокот на 20 век. Кон средината на 19 век како форма се воспоставуваат и сатиричните и хумористичните цртежи кои до ден денес ја развеселуваат монотонијата на дневните весници. Тие го добиваат името картуни (cartoons) како што британското списание Панч (Punch) ги нарекло своите цртежи. Велика Британија продолжува со издавање списанија кои редовно содржат стрипови и картуни, а заразата се шири и преку океанот. Ричард Ф. Ауткалт и неговиот Јелоу Кид се сметаат за основачи на формата и правилата на стрип – каишите. (Токму Ауткалт е оној кој ќе ги врати во употреба балончињата). Дваесеттиот век ги создава условите за ширење на стрипот како масовен медиум и негово зацврстување и признавање како нова уметничка форма ширум светот. Стрип – каишите заживуваат во сè поголем број весници, потоа се собираат во брошури или книги, за постепено идеите да еволуираат и да прераснат во стрип – албумот, чија форма варира во различните земји на потекло – од графичките новели во САД, преку албумите во Европа па сè до мангата во Јапонија. Американски и британски стрип Факт е дека, генерално гледано, англо-саксонскиот свет гледал на стрипот како на подолна форма на уметност, за разлика од Европа. Меѓутоа, тоа не значи дека стриповите од тоа подрачје се и понеквалитетни и дека треба така да се третираат. Напротив, едни од најголемите остварувања во деветтата уметност и едни од најголемите стрип-уметници доаѓаат токму од САД и Обединетото Кралство. Еден од најраните американски стрипови во конвенционална форма е Малиот Немо на Виндзор МекКеј кој излегува во периодот од 1905 до 1914 г. Следува светски признатата класика Крејзи Кет на Џорџ Хериман, која излегува од 1913 до 1944 г. Дваесеттите и триесеттите години на минатиот век забележуваат огромен подем на цртаните ленти. Тогаш започнува славната ера на уште пославните суперхерои – заштитен знак на американскиот мејнстрим стрип. Во 1938 г. се појавува Супермен, го дефинира архетипот на суперхерој и широко ја отвора вратата за плејадата “колеги” кои следуваат – Флеш на Гарднер Фокс и Хари Ламперт, Фантастична Четворка, Сребрениот сурфер и Спајдермен на Стен Ли, Бетмен на Боб Кејн, Вочмен на Алан Мур, итн итн. Помалку конвенционалните херои го наоѓаат својот израз во Спирит на Вил Ајзнер, Конан, стрип – адаптација на популарниот варварин создаден од страна на американскиот писател Роберт Хауард, адаптацијата на Тарзан, јунаците на Френк Милер од Градот на гревот, Дердевил, 300. Освен веќе споменатите, неизоставни се и класиците како Џемс Бонд и хероите по негов (или сличен) терк: Бен Болт на Џон Калин Марфи, Флеш Гордон и Рип Кирби на Алекс Рејмонд, Џеф Хок на Сидни Јордан и многу други. Тука посебно внимание и почит мора да му се оддаде на брилјантниот серијал Принц Валијант и неговиот создавач Харолд (Хал) Фостер. Американскиот уметник, кој веќе неколку години го цртал Тарзан, го создава епот за витезот од времето на кралот Артур во 1937 г. И по толку години, останува како уникатно дело во светот на современиот стрип, со својата препознатлива нарација, хумористични моменти и верното отсликување на начинот на живот во тоа време. Тоа не е приказна за класични херои, туку за доста реалистични ликови со свои доблести и маани. Ликовите слават победи и се соочуваат со порази, а не се имуни ни на поминувањето на времето. Крајот на 60тите и почетокот на 70тите години од минатиот век го одбележуваат појавувањето на андерграунд и алтернативниот стрип во САД. Овие стрипови се издаваат независно од стрип-идустријата и претставуваат одраз на темната страна на капиталистичкото општество и неговите пороци, со тоа што нивниот израз е и далеку поискрен и поотворен. Веројатно едни од најпознатите дела од овој жанр се антологискиот Американски сјај на Харви Пикар кој пред неколку години беше екранизиран во успешна комбинација на игран и документиран филм, а чиј цртач Роберт Крамб се смета за основач на андреграунд стрипот во САД и негова икона, графичките новели на Вил Ајзнер, како и делата објaвувани во ревијата за алтернативен стрип RAW, меѓу кои и Маус, приказна за холокаустот од Арт Шпигелман. Стрип-каишите се секако едни од моите омилени форми на стрипот. Навидум наивни и детски, овие лентички од неколку илустрации содржат не само одличен здрав хумор, туку и повеќе сатира и цинизам отколку што некој може да замисли. Да не го заборавиме ритамот со кој овие ликови се издаваат – секој ден во весник, значи потребно е доста умешност, талент и креативност за таквите ликови да се одржуваат и да ја задржат својата свежина и способност да не засмеат со нов штос секој ден. Од каде човек да почне и каде да се задржи повеќе? Питомецот Били (Beetle Bailey) на Морт Вокер, Денис Напаст (Хенк Кечам), Снупи (Peanuts од Чарлс М. Шулц), Хогар Страшниот (Дик Браун), Гарфилд (Џим Дејвис), секој е посебен во својата тематика, хумор и уметнички израз и по толку години секој од нив сè уште опстојува. Француско-Белгиски стрип Дефинитивно едни од најголемите уметници и создавачи на стрип, најдолгите традиции во креирањето стрип како и најпродуктивните пазари се сместени токму на овие простори. Стрипот во Белгија и Франција не е само уште еден вид медиум или забава во списание за да помине времето во чекална. Тој е уметност рамноправна со другите со векови развивани уметности, литературна форма која стои рамо до рамо со ремек-делата на најголемите писатели, цела една култура и идеологија достапна на сите, од зафрлените продавнички преку автобуските постојки сè до луксузните книжарници. Покрај влијанието што го имаат во својата татковина, овие стрипови имаа оставено и длабок печат врз другите европски изрази и стилови во стрипот. Да ја започнеме приказната со малиот репортер кој ги пакува куферите и заедно со своето куче тргнува на долгиот пат од Белгија до СССР. По 80 години од своето прво појавување во 1929 г. Тинтин нема воопшто загубено од својата популарност. Жорж Реми (Ерже), го создаде Тинтин, неговиот нераздвоен пријател Милу и цела плејада ликови, пријатели и негативци кои до ден денес пленат со својата шареноликост. Низ своите авантури Тинтин успева да ја пропатува целата планета, па дури заминува и подалеку, борејќи се против криминалот и освојувајќи ја публиката од сите возрасти. Тој е една уникатна комбинација на авантуристичка нарација, посебен графички израз на чисти линии и универзални теми. Во 1938 г. започнува издавањето на познатиот магазин Спиру, а во текот на нацистичката окупација на Франција и Белгија, и покрај екстремно ограничените можности, ја започнуваат својата работа и најголемите имиња во француско-белгискиот стрип: Андре Франкин, Пејо (Штрумфови), Алберт Удерзо, Морис (Таличниот Том). Во периодот по 1968 г. веќе загосподарува стрипот за возрасни, со своите најистакнати претставници од тоа време како Готлиб, Мебиус, Филип Друје, Енки Билал чии дела за прв пат се појавуваат во Métal Hurlant. Магазинот е посветен на стрипови кои ја третираат научната фантастика и фантазијата како тема, а интересен е фактот дека популарното списание Хеви Метал е всушнот американската верзија на францускиот оригинал. Осумдесеттите носат еден поинаков израз кој се промовира во A suivre, списание кое за разлика од Хеви Метал го застапува стрипот како посериозна и поуметничка форма и им дава простор на автори како Жак Тарди, Хуго Прат, Франсоа Шутен итн. Кога ќе се спомне француски стрип, веројатно првото што на многу луѓе им паѓа на памет е – Астерикс. Што не е за чудење. Феноменалната креација на сценаристот Рене Гошини и цртачот Алберт Удерзо за малото галско село кое ѝ одолева на римската империја со помошта на волшебната напивка и лукавството, дефинитивно е еден од најпопуларните стрипови во историјата. Авантурите на Астерикс и неговиот најдобар другар Обеликс се читани, сакани, адаптирани во цртани и играни филмови во текот на целиот овој период и се дел од најголемите класици на стрипот. Брилјантниот хумор и пародијата, препознатливиот цртеж и незаборавните авантури го прават Астерикс икона во францускиот и светскиот стрип. Збор два за неповторливиот мајстор на хумористичните табли и творецот на (барем за мене) најзабавните ликови во стрипот – Белгиецот Андре Франкин. Еден од највлијателните стрип-уметници, со уникатна смисла за хумор и пародија како и еден од најпрепознатливите цртачки стилови и изрази, ги создава Спиру, Фантазио, Марсупилами во соработка со сценаристот Грег, и Гастон (на овие простори попознат како Гаша). Гастон е целосно авторска креација на Франкин и започна во 1957 г. како споредна серија во Спиру, меѓутоа со текот на времето стана врвен бестселер, надминувајќи ја славата на Спиру. Гастон е еден од омилените стрип-херои токму поради тоа што тој е сè само не класичен херој. Урнебесните случки на смотаниот новинарски службеник, неговата шарена менажерија и надреалните изуми заедно со широката насмевка, бушавата фризура и ветвиот зелен џемпер создаваат слика која откако еднаш ќе ја видите тешко се заборава. Тука мора да споменеме уште едно генијално дело на мајсторот – Црни Мисли (во оригинал Idées Noires) работени во периодот од 1977 до 1983 г. Самиот наслов зборува – за разлика од симпатичниот хумор во неговите други дела, Црни Мисли е феноменална и мрачна сага со неверојатен црн хумор, кои ги засегаат темите како војската, трговијата, економијата, индустријата, религијата, депресијата итн. Француско – белгиските уметници ги има повеќе отколку што би можело овде да им се посвети заслуженото внимание затоа со жалење ќе се ограничам само на споменување на најголемите таленти на перото (моливот) и раскажувањето: легендарниот Жан Жиро (Мебиус) и неговиот уште полегендарен Блубери (сценарио Жан-Мишел Шарлие); Херман – автор на Џеремаја и Кулите на Боа-Мори, цртач на Бернард Принс, Команча (сценарио Грег), Југурта (сценарио Вернал); Франц, кој го презема Југурта, автор на Лестер Кокни и Кукла од слонова коска; Росински (роден во Полска) – Торгал (сценарио Жан Ван Ам); Франсоа Буржон – Патници на ветрот; Режис Лоазел, Франсоа Шуитен... Листата е навистина долга. Италијанскиот феномен Можеби многу луѓе не се свесни, ама малите цртани тетратчиња кои во едно друго време, подобро за стрипот, можеа кај нас да се видат изложени во киосците и секој можеше да си ги дозволи потекнуваат токму од Италија. Златната ера на италијанските фумети започнува по завршувањето на Втората Светска Војна, благодарение на Џанлуиџи Бонели, чија фантазија комбинирана со умешноста на Аурелио Галепини во 1948 г. го создава Текс Вилер. Форматот на џебна книга на овој стрип толку се популаризира што добива и свое име – бонелиано - според својот создател. На серијалите кои следуваат воопшто не им треба специјално претставување, затоа што Загор, Мистер Но, Мартин Мистерија, Дилан Дог и (кој друг освен) Алан Форд оставија свој печат врз редици генерации, преселувајќи ги своите читатели во светот на авантури, чудовишта, хумор и бујна фантазија. Хорор-фантастиката за приватниот “детектив кој го истражува невозможното” е дело на Тицијано Склави кое за прв пат се појавува во 1986 г. Ликот на лондонскиот борец со чудовишта, препознатлив по својата облека (секогаш облечен во истите сини фармерки, црвена кошула и црна јакна) е комплексен и доста детално изграден. Следејќи го во текот на повеќето од 200 авантури читателите имаа можност да се запознаат со неговите фобии, навики, љубовни врски, дискутабилно потекло и да го придружуваат низ многубројните случаи кои не ретко се граничат со апсурд. Дилан Дог не само што е еден од најголемите комерцијални успеси туку е и неиздвоив дел од италијанската (поп) култура. Покрај Дилан Дог, уште еден култен серијал именуван според (навидум) главниот лик е Алан Форд. Оваа сатира и карикатура на класичните шпионски драми е создадена во 1969 г. од страна на Макс Бункер (Лучијано Секи) и Магнус (Роберто Равиола) а успехот кој до постигна во Италија не беше повторен во ниту една странска држава освен во тогашна СФРЈ. Дружината на Алан Форд се членовите на групата ТНТ, тајни агенти кои се едни од најшареноликите и најсмотаните ликови во историјата на стрипот. Но тоа е само површината, зачинета со откачени поговорки, шашави негативци и апсурдни ситуации. Алан, Бројот Еден, Боб Рок, Сер Оливер, Јеремие, беа и се огромна инспирација за генерации обожаватели на добриот (црн) хумор и го задржаа статустот на култно четиво на просторите на поранешна Југославија. Големиот мајстор Хуго Прат ја комбинира својата вештина на одличен наратор, својот цртачки талент, широкото познавање на светот и неговата историја со незгасливата желба за патување и во 1967 г. ги преточува во неповторливиот Корто Малтезе. Низ дванаесетте албуми кои ги содржат неговите авантури, шармантниот и лежерен морнар успева да го пропатува светот, запознавајќи бројни историски личности, убави жени, запаѓајќи во еден куп неволји, а читателот сето тоа го следи преку разиграните линии на цртежот на Прат кој во првата секунда изгледа непотполн и недовршен, за веднаш потоа да сфатиме дека е совршен таков каков што и дека не му треба ништо повеќе за да изгледа прекрасно. И да ја привршиме италијанската приказна, ќе го споменам ученикот, пријател и соработник на мајсторот Прат – Мило Манара, познат по еротскиот пристап кон своите дела (Индијанско Лето, Ел Гаучо) и фантастичната креација на Масимилијано Фрезато - Чуварите на Масер, за да отстапиме место на еден сосема поинаков свет во кој се здомила деветтата уметност. Во земјата на изгрејсонцето Јапонија е древна земја со долга традиција во сè, па и во илустрацијата. За земјата чие што писмо еволуирало од слики не е толку чудно да се замисли дека стрипот ќе стане не само голема љубов туку и богат извозен материјал. Формата на јапонската манга е утврдена од страна на Осаму Тезука, кој се смета и за татко на аниме, јапонската анимација, и е јапонски еквивалент на Волт Дизни, некаде по Втората Светска војна. Иако првите “стрипови” во Јапонија се јавуваат во текот на 18 век, модерниот стрип се развива како комбинација од овие рани дела и дрвените печатени табли со неизбежното влијание на западниот стил на цртање, кој Јапонија во својот напор да се модернизира по војната го прифаќа во пакет со останатите влијанија од САД. Карактеристично за мангата се нејзиниот стил и формат – стриповите се издаваат во долги серијали од неколку стотини страници и обработуваат најразлични теми наменети за сите возрасти. Се печатат (најчесто) црно-бело, освен кориците кои се во боја а се читаат од десно на лево. Таткото на мангата, Тезука, инспириран од американската анимација го развил својот препознатлив стил кој ќе остане како најкарактеристичен белег на јапонскиот стрип – пренагласени делови на лицето, т.е. очите и устата, со употреба на многу мал број на линии. Исто така, мангата е подлога за анимацијата, голем број од стриповите се екранизирани во кратки филмови, серијали или долгометражни филмови. Мангите се делат најчесто според публиката на која и се наменети: манга за момчиња (шонен) и манга за девојчиња (шојо); манга за возрасни (сеинен) и манга за бизнисмени, а посебна категорија е мангата со сексуална содржина (сеиџен). Како и многу други јапонски производи, така и мангата постепено ги освои пазарите во западниот свет и се стекна со светска слава. На својот пат околу светот мангата се разбира не го заобиколува ни Балканот. Сепак во нашава државичка народот има пристап до мангата само преку анимациите. Колку толку. Ако не познатите серијали на Катсуширо Отомо Акира, или Икију на Хисаши Сакагуши, едно време бевме сведоци на Покемон и Драгонбол манијата на кои им се радуваа само децата, а можеби некој имал и среќа да налета на Appleseed, Ghost in the shell или Howl’s moving castle. Ако не, можеби во иднина... Златната ера на Југословенскиот стрип На просторите на ”поранешната држава” стрипот добива можност за развивање по Втората Светска Војна. Сеќавањето на нашиот пријател и колекционер на стрипови Ненад Попникола наназад достигнува до 50тите години од минатиот век, кога започна да излегува првата ревија “Кекец”. Во неа покрај стрип можеа да се прочитаат и историски факти и занимливости а беше и првата ревија во која се појавија Таличниот Том, Принц Валијант и Џони Хазард. “Беше многу популарен, сите чекаа да излези “Кекец”, а важно да се напомене е дека оваа ревија им се делеше на децата на училиште” - се сеќава Ненад. Потоа почна “Плави весник”, во кој како прилог понекогаш имаше и сингл плоча и во кој за првпат се појави Астерикс.. Потоа почнаа да излегуваат уникатните цртани романи со вестерн содржина. Следува “Забавникот” кој е култна ревија и првите броеви беа во многу поголем формат. Во него излегуваа Мандрак, Фантом, Рип Кирби. Друго битно издание да се спомне е “Никад робом”, југословенски стрип во кој беше илустрирана историјата на Југославија. Тука излегуваа популарните Мирко и Славко. Уште една значајна ревија е и “Пингвин” од 1967 г. во која излегуваа Џони Пантер, Петре Клукајдрвчето. Излегуваа исто така “Класици во стрип”, кои беа адаптации на класичните романи, потоа Станлио и Олио, Том и Џери….. Потоа започнува и времето на “Панорама”, во1966 г. Во Панорама излегуваа Умпах Пах, Крцко а подоцна и други познати наслови како Далечна планета, Карл Викинг, Олак гладијатор, Модести Блејз сè до 1972 кога згаснува оваа ревија. Од 1968 започнува она што би го нарекле втора етапа. Тогаш почнува да излегува “Златна серија” со Текс Вилер и предизвика бум. Бројот 13 го донесе Загор кој беше вистинска сензација. Паралелно со” Златна серија” излегуваше и “Лунов магнус стрип” во голем формат кој ги издаваше истите стрипови а подоцна следуваат и Тим и Дасти, Бил Адамс, Капетан Мики, Блек, Кен Паркер, Командант Марк, Кит Телер, Мистер Но... Тука ќе направиме мала дигресија за да споменеме едно име кое отскокнува како црна овца воова море од херои а тоа е типичниот анти-херој Торпедо, лик создаден од шпанските автори Абули и Бернет, акој за прв пат се појавува во 860тиот број на “Стрипотека”. Едно време излегуваше и “Караван” (1971 г.), ревија со југословенски стрип Зигомар и други не толку познати стрипови, потоа “Зенит” (Одмаздници), па вонредната серија на “Библиотека Лале” во која излегуваа јунаците на Марвел. Во “Техничке новине” излегуваше Супермен, околу 1965 г. Од “Забавник” исто така излегуваа стрипови, т.н. 250, бидејќи толку чинеа. Стриповите во нив беа поделени на три групи според тематиката: фантастика (Челична канџа и Пајак), криминални (Џони Неро, Баракуда) и воени (Аронсајд). “Југославија беше “привилегирана” за разлика од другите земји од источниот блок во кои стриповите ги немаше и не се популаризираа. Во тој поглед државата беше прилично отворена, но што се однесува на филмот и музиката повеќе западно ориентирана” - ни раскажува Ненад. Во 1969 излезе првиот број на “Стрипотека”, како огранок на “Панорама”. Стрипотека исто започнува со Талични Том, па следуваат Блубери, Бернард Принц кои излегуваат и во познатиот “Гигант”. Во “Гигант” се претставија и многу познати имиња како Боб Моран, Бруно Бразил, Модести Блејс, Џемс Бонд, Лик Ориент, Фил Кориган, Рип Кирби, Арчи Кеш итн. Во 1970 г. хрватското издаваштво го донесе Алан Форд, кој многу брзо ја освои читачката публика. Од 1973 г. дојде еден бран кој го класифицира стрипот како шунд и многу стрипови беа повлечени од издаваштвото, но вториот бран кој ја зафати Југославија ги врати стриповите во многу поголем број. Започнаа да излегуваат “Бисер стрип”, “Цак” (Команча) а во 80тите излегува “Екс аламанах” како и “Микиев забавник” и “Микиев алманах” со јунаците на Дизни. Кон крајот на 80тите години се појавуваат популарните Марти Мистерија, Дилан Дог, Ник Рајдер...сè убаво, до осамостојувањето на Македонија во 1991 г. Македонска стрип сцена Збор-два за неколкуте стрип списанија кои излегуваа (за жал во минато време) во нашата држава. Почетоците се оскудни, стрипот си го бара местото под сонцето залутан во други списанија, како “Наш свет” (1960 г.) и дневните весници. Првиот посериозен обид е “Историска стрипотека – епопеја” во која се илустрирани приказните за македонските ајдуци и војводи. Следува еден од поблескавите моменти а тоа е појавата на “Макстрип”. Во 1994 г. се појавува “Стрип-експрес” и исчезнува по 3 броја, а истата година излегува првиот број на “Клик” во кој може да се прочитаат стрипови од странски но и од домашни автори (Александар Поповски, Александар Сотировски, Златко Крстевски, Горан Дачев итн.) кој издржа само 4 броја. Во 1995 г. започнува издавањето на “Стрипотека” и завршува по вториот број. Истата година се појавува првиот број на еден од најамбициозните издавачки подвизи а тоа е “Лифт” , кој цели 12 броја успешно “поврзува светови, гор(н)и и дол(и)ни” и им дава простор за изразување на повеќе од дваесет македонски автори. Малку подоцна во 1997 г. се појавува “Тотем” кој и покрај големата надеж за опстанување издржа уште помалку – излегоа само 2 броја. Денес како издавач ни останува Вармкомикс кој ги нуди реизданијата на Серџо Бонели – Мистер Но, Загор, Марти Мистерија, Алан Форд. За крај (ако воопшто прикажувањето за овој волшебен свет може да има крај) се осмелувам на тоа и да се понадевам – повеќе среќа за цртаните ленти тука каде што не се во толкава мера сакани, а заслужуваат многу повеќе. Повеќе шанси не само за нив, туку за нас, да си дадеме простор да запознаеме нешто што навистина вреди. Како што и ја започнав оваа приказна, нема да се правам дека сум експерт за стрип, едноставно сум голем љубител, и искрено се надевам дека ќе се зголемува бројот на оние кои ќе ја откриваат оваа љубов. Затоа што уметноста е тука за да ни го збогати и разубави животот, а признавале или не, стрипот е уметност.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment